Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски, во гостување во летното издание на „ClickPlus“ на ТВ21 вели дека отворањето на Уставот и впишувањето на Бугарите во него не претставува никаква трагедија.

„Јас лично не сметам дека тоа е трагедија. Лично мислам дека ние како држава сем се дефинирале дека обезбедуваме определени права за сите, нема причина некого да исклучуваме од тоа и има многу пофлагранти примери од оној со Бугарите, на пример во Хрватска вие имате ситуација во која нашата заедница е целосно призната, добива фондови на државата, а кај нас на пример не се ни спомнати во Устав и ги немаат тие привилегии“, вели Попоски.

Ако имаме позитивен и коректен однос од страна на Софија, Попоски вели дека не би се грижел доколку Бугарите бидат впишани во Уставот.

Сепак, смета дека Македонија никогаш нема да добие гаранции во писмена форма дека нема да има дополнителни барања за отстапки и промени во текот на преговорите со ЕУ.

„Ние гаранции во писмена форма никогаш нема да добиеме, да ни речат немајте гајле само ќе си смените ова и после тоа терајте и на шини сте, што би рекле, за во Европската унија, затоа што и до сега во пракса сме го гледале тоа. Ние имавме референдум неодамна на кој се повикувавме на отпочнување на преговори за ЕУ доколку прифатиме определени решенија, гледаме дека не е така. Во меѓувреме три пати не блокираа и на шест совети поминуваше тоа прашање. Значи такви гаранции наивно е да очекуваме. Нема да ни дадат“, рече Попоски.