Предлог буџетот на Град Скопје за 2022 година не е скроен според потребите на граѓаните и со него нема развој, туку тој очигледно е креиран за да се вдомуваат кадри на ВМРО-ДПМНЕ, порача советникот од СДСМ во Советот на Град Скопје Мартина Попов на денешната седница.

– Пред нас имаме буџет кој дефинитивно не е кроен во насока за развој на Скопје, туку напротив имаме буџет кој е креиран за трошење на парите на граѓаните за згрижување на партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ, матичната партија на градоначалничката. Имаме буџет кој не го решава сообраќајниот хаос во градот Скопје и буџет кој не ги рефлектира дадените ветувања за време на кампањата, посебно набавката на 250 нови автобуси. Имаме буџет во кој не се предвидени доволно средства како одговор на потребите за подобрување на животната средина, туку напротив истите се кратат за три пати, од 213 милиони денари на 73 милиони денари, порача Попов.

Попов истакна дека следната 2022 година, Градот нема да обезбеди пари за многу проекти кои се важни за заштита на животната средина и намалување на аерозагадувањето.

– Лагата со 5-те „мега паркови“ кои што треба да бидат со големина на Градски Парк ќе мораме да почекаме да ни биде разоткриена, бидејќи во овој буџет градоначалничката не предвидела пари за ниту еден од нив. Ако првата година од својот мандат ја потроши без да изгради ниту еден од нив, тогаш ќе мора да изгради пет паркови за три години. Но, и за да изгради пет паркови за три години, тие мораат да бидат проектирани однапред, а за проекти се уште не станало ни збор. Но, и оваа лага, како и онаа за бесплатниот превоз, ќе почекаме градоначалничката да ни ја соопшти како лоша вест понатаму во својот мандат – пет мега паркови во Скопје нема да има. Но, не само што нема да има мега паркови, нема да има ни нови зелени покриви во Скопје. Проектот за зелен покрив на Мавровка го нема во буџетот – Арсовска не смета дека е потребно зеленило крај најголемата и најзагадена раскрсница во градот. Во буџетот за 2022 нема ниту една велосипедска патека, ниту еден вело паркинг, велоштад, нема рампи на кејот, нема опрема за автобусите да превезуваат точаци, нема субвенции за сервис, нема субвенции за дополнителна опрема. За развој на велосипедизмот во Скопје, Данела во 2022 не планира апсолутно ништо, рече Попов.

На крајот од обраќањето, Попов констатираше дека предложениот буџет за 2022 година е само потврда за неспособноста на градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ за водење на градот Скопје и потврда за тоа како изгледа буџет кој е кроен за потребите на белата палата, а не за потребите на граѓаните.