На вчерашната програмска трибина организирана од СДСМ на тема Отворена Власт, министерот за комуникации, транспарентност и отченост, Роберт Поповски истакна дека главна обврска и критериум за функционерите кои ќе предводат институции во името на СДСМ е да бидат транспарентни и да ги почитуваат етичките стандарди.
„Не може една политичка структура на различно ниво, различно да се однесува. Сите оние кои ќе предводат институции во името на СДСМ има да бидат транспарентни. Тоа ќе биде критериум. Тоа мора да биде критериум. Или нема да бидат на раководни позиции, ќе си одат едноставно”, рече Поповски.
Осврнувајќи се на досегашните мерки со цел транспарентни и отчетни институции, Поповски го спомна Етичкиот Кодекс на Владата.
„За прв пат во историјата, Владата донесе етички кодекс по препораки на ГРЕКО. Се потпишаа сите функционерки . Јас сум задолжен да го дадам првиот извештај. Верувајте дека има само едно прекршување на кодексот од страна на функционер на ДУИ. Нема ниту едно прекршување од наши функционери”.
Поповски кажа дека неприкосновена е заштитата на слободата на говор и слобода на изразување.
„Tука нема дилеми. Нула толеранција за напади, притисоци, уцени, закани врз новинари и медиуми. Професионално новинарство, до максимум поддршка на се она што новинарските здруженија го прават”
Поповски ја истакна и медиумската писменост за што кажа дека Владата предводена од СДСМ е во завршна фаза.
„До крај на годината ќе донесеме Национална стратегија 2021 ќе стане дел од редовното образование. Најверојатно ќе провејува во сите предмети. Од најмали нозе, од градинки предшколска возраст до највисоките форми на образование, бидејќи тоа е според овие искуства што ги имаме, најдобриот модел и најдобриот метод” рече Поповски.
„Мораме да ги почитуваме правилата и стандардите, не е само законот. Етички морален пристап треба да има. Ако ние знаеме за какви вредности се залагаме, тогаш не ни треба никој да не коригира. И тие ќе ги промовираме”, додаде Поповски.