Ексградоначалникот на Битола, Владимир Талески, утрово не се појави во Основниот кривичен суд Скопје на закажаното судското рочиште за случајот „Транспортер“.

Тој како оправдување доставил медицинска документација, а судијката која го води случајот, Добрила Кацарска, најави дека е можно да побара тој да биде приведен.

Таа во судница рече дека нема да прифати одложување на рочишта со секоја доставена медицинска документација и го извести адвокатот на Талески дека ќе побара проверка на документите и доколку обвинетиот можел да присуствува ќе побара итно стражарно приведување.

Следното рочиште е закажано за 4 март.

Инаку, случајот е пред самиот крај, односно се наоѓа во фаза на давање завршни зборови.

Покрај Талески, во „Транспортер“ обвинети се уште 20 лица за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера од околу 360 000 евра.

Извор: 360 степени