Прашањето за менување на државниот грб не е поврзано со никакви избори, истакнува пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Ги отфрли констатациите дека отворањето на дебатата е заради дефокусирање од економската криза.
Милошоски оценува дека Македонија не треба да остане во друштво на Белорусија, Таџикистан или Ангола, кои како што рече, имаат советска симболика по однос на државните грбови.
„Ако зборуваме на современи државни обележја, тогаш навистина не сметам дека Македонија би требало да остане во друштво со Белорусија, Таџикистан и со Ангола. Тоа се едни од ретките земји во светот кои имаат советска симболика по однос на државните грбови. Македонија има и добро историско наследство кое може да ги поврзе и АСНОМ и Илинденскиот период и претходните периоди и тоа да се отслика во современ државен грб кој би бил подобар и би ги одразувал на поквалитетен начин определбите на Македонија и во таа симболика да биде дел од европското друштво на држави“.
Појаснува дека ова е иницијатива која треба да отвори дијалог за да се стаса до одреден консензус.
Милошоски додава дека нема ограничување дали тоа ќе се случи за месец, три месеци или девет месеци од денес, но заклучува дека е добро да се разговара на темата и да биде поткрепена со објективни аргументи.