И премиерот Заев изјави денеска дека никому не му паѓа на ум да ги укинува студиите по македонски јазик и книжевност
Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, изјави денеска дека се радува што се покажале како неточни неговите тврдења дека се укинува Катедрата по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ во Скопје.

„Се радувам што на Филолошкиот факултет не постои и никогаш не постоела идеја за укинување на катедрите за македонски јазик и книжевност. Посакувам во идните реорганизации на Факултетот, рамо до рамо со различните отсеци, секогаш да бидат вклучени и отсеците за македонски јазик и јужнословенски јазици и за македонска книжевност и јужнословенска книжевност. Сите досегашни изјави и текстови поврзани со ова се мои лични изјави, со една единствена цел, заедно и достоинствено да ја прославиме годината на Блаже Конески“, изјави, за Канал 5 академик Коцарев откако ја разбранува јавноста, а посебно универзитетските кругови, со тврдењето за укинување на Катедрата по македонски јазик.
По шефицата на оваа катедра Искра Пановска-Димкова, денеска со отворено писмо се јавија и други професори од Филолошкиот факултет кои посочуваат дека се манипулација тврдењата на претседателот на МАНУ.

„Невистини и манипулации“, Филолошкиот факултет за наводите дека се укинува Катедрата за македонски јазик

Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека никому не му паѓа на ум да ја укинува Катедрата по македонски јазик.

„Јавно беше објавено и од Катедрата за македонски јазик и од соодветниот Факултет на кој е оваа катедра, дека нема никакви планови за нејзино укинување и дека никому не му паѓа на памет такво нешто“, изјави Заев.
Тој потенцира дека оваа година, кога одбележуваме сто години од раѓањето на Блаже Коневски и ја славиме годината на македонскиот јазик, Катедрата и македонистите работат на дополнителна афирмација на јазикот, како и за упис на повеќе студенти.

„Се работи и на дигитализација и афирмација на македонскиот јазик во светот“, истакна Заев и додаде дека тоа е со цел да им се олесни на децата на нашите иселениците полесно да го учат јазикот, како за негова афирмација во архивите, библиотеките и другите институции во ЕУ.

Извор: 360 степени