Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема две деца во судир со закон на возраст од 15 години, за кои постои сомнение дека извршиле дејствија кои со закон се предвидени како кривично дело – Насилство по член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Двете малолетнички, на 9 февруари, на улицата „Мирослав Крлежа“ во Скопје, ја загрозиле сигурноста на друго девојче, вршејќи грубо насилство кон оштетената. Девојчињата најпрвин разговарале и започнале да се расправаат, по што двете ја фатиле оштетената и ја собориле на земја, па ја удирале со тупаници и клоци додека не ги раздвоил сведок на настанот. Со ова предизвикале телесни повреди кај девојчето, како и чувство на вознемиреност во јавноста.

Во текот на постапката јавниот обвинител предлага да се сослушаат децата во судир со законот и оштетената, како и сведоци на настанот, да се прибави вештачење на видот и карактерот на повредите, да се обезбедат снимки од сведоци на настанот, да се прибави мислење од Центарот за социјални работи, како и да се преземат сите други неопходни дејства.

Постапувајќи во друг настан, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судијата за деца при Основниот кривичен суд Скопје поднесе Барање за поведување подготвителна постапка спрема четири децаво судир со законот на возраст меѓу 15 и 17 години, за кои постои сомнение дека извршиле дејствија предвидени како кривично дело – Разбојништво согласно член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Сите четворица, на 12 февруари, во близина на детско игралиште во населбата Нерези, со употреба на сила одзеле мобилен телефон од дете родено 2007 година. Оштетениот го пресретнале кај игралиштето и го нападнале, удирајќи го со раце и нозе по главата и телото, нанесувајќи му повреди во вид на нагмечување на главата од кои оштетеното дете изгубило свест. Потоа му го одзеле телефонот од џебот на јакната и избегале. За овие четири деца во судир со законот, кои се повторници во вршење и на други кривични дела, по предлог на јавниот обвинител, Судот определи мерка притвор, оценувајќи дека се исполнети законските основи.

Со оглед на чувствителноста на постапките во кои како сторители и оштетени се јавуваат малолетни лица и неопходноста од целосна заштита на нивниот идентитет во текот на постапките, Јавното обвинителство апелира до медиумите и до општата јавност за избегнување сензационализми и поголема одговорност при известувањето, коментирањето и споделувањето на содржини и информации кои се однесуваат на кривични дела сторени од деца.