Основното јавно обвинителство Струга поведе постапка против 57 – годишен професор од Струга, за кого постои основано сомнение дека го сторил кривичното дело Насилство од член 364 став 1 во врска со став 3 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 23.12.2021 година околу 12:30 часот, со боксирач удрил во пределот на главата на оштетениот ученик на возраст од 18 години. Физичкиот напад следел по кратка вербална расправија на осомничениот професор со мајката на оштетениот ученик.

Во насока на непречено одвивање на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд Струга достави Предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот на обвинителството и со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 8 дена.

Средношколците од гимназијата „Ибраим Темо“ од Струга денеска ја бојкотираат наставата и со мирен протест пред Основниот суд во Струга изразија незадоволство од одлуката за неодредување мерка притвор за професорот што вчера повреди ученик во училиштето.

Протестот, како што посочуваат, е за случајот да не се повтори, професорот да го добие заслуженото, за тие да се чувствуваат безбедно кога одат на училиште.

-Ги браниме нашите права, случајот од вчера да не се повтори пак. Тука сме професорот да го добие тоа што го заслужи, да добие притвор. Ние не се согласуваме да биде пуштен. Судот да му додели притвор. Ние не сакаме да одиме со страв во школо, родителите нема да не пуштаат. Ако професорот е на слобода, ние нема да сме безбедни, изјави Сара Кадриоска, ученичка во „Ибраим Темо“.