Како континуиран и доследен поддржувач на стручни и научни настани кои имаат висок импакт врз целокупниот развој на фармацијата и медицината во земјава и надвор од границите, „Алкалоид“ годинава е домаќин на Првата меѓународна конференција за Цефиксим, која се одржува од 14 до 16 март во Истанбул, Турција.

Меѓу учесниците на овој значаен настан се вбројуваат и претставниците на „Алкалоид“ и на ентитетите на компанијата надвор од Македонија, како и голем број здравствени експерти од 12 различни земји.

3-4-768x512

Оваа конференција, прва од ваков тип, во својот фокус ја има визијата за подобрување на секојдневните практики во делот на рационалната употреба на антибиотиците, а со тоа и за подобрување на квалитетот на услугите за пациентите низ светот.

Преку воведно обраќање и презентација, Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, ги претстави корпоративните перформанси на „Алкалоид“, особено осврнувајќи се на значењето на настаните од овој тип, кои ја развиваат и ја надградуваат научната мисла на глобално ниво.

„Освен што е најпрепишуван орален третогенерациски цефалоспорин, Цефиксимот на ’Алкалоид’ е втор по ранг по произведен волумен во Европа. Цефиксимот е најзастапениот и водечки производ на ’Алкалоид’ во сегментот фармација, присутен во клиничката пракса од 1995 година и присутен на пазарите во над 20 земји во светот“, истакна Мукаетов, потенцирајќи дека компанијата наскоро планира проширување на производствените капацитети за овој свој стратешки важен производ.

2-6-768x512

Повеќе од 200 учесници и еминентни претставници од областа на фармацијата и медицината се дел од богатата научна програма на Првата меѓународна конференција за Цефиксим, поддржана од „Алкалоид“.

Тематскиот дел од Конференцијата го отвори д-р Снежана Петровска, раководител на одделот Глобални медицински работи и безбедност на лекови при „Алкалоид“, преку презентација за успешната приказна на алкалоидовиот Цефиксим низ годините. На панел-сесијата посветена на искуствата за овој дел во македонски рамки, чиј модератор беше проф. д-р Дејан Докиќ, говореа д-р Александар Сајковски и проф. д-р Сотир Ставридис.

4-3-768x512

Стручњаците во делот на фармацијата и медицината на глобално ниво присутни на настанот се децидни дека успешната професионална и научноистражувачка соработка со компанијата, која во повеќето случаи трае со децении, се должи, пред сѐ, на квалитетот на производите, но и на начинот на кој компанијата го цени и го вреднува човечкиот фактор, вклучувајќи ги сите засегнати страни во рамките на системот на дејствување.

Како компанија посветена на создавањето можности за поттикнување континуирана едукација и споделување искуства во рамките на стручната заедница, веруваме дека Првата меѓународна конференција за Цефиксим, поддржана од „Алкалоид“, ќе даде уште поголем придонес во рационалната употреба на антибиотиците, како и во намалувањето на растечкиот тренд на антимикробна резистенција на глобално ниво.