Голем интерес побуди денешната онлајн консултација на Секретаријатот за европски прашања со граѓанските организации за Нацрт-Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА) 2021-2025 година. Имајќи ја предвид важноста на НПАА како клучен стратешки документ кој ги дефинира краткорочните и среднорочните приоритети на Владата од ЕУ реформската агенда, целта на настанот беше да се обезбеди што е можно поширок и посеопфатен консултативен процес. НПАА 2021-2025 е се уште во работна верзија и по дискусијата со засегнатите страни ќе биде формално усвоен од Владата.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров истакна задоволство што ваков настан се организира првпат по пауза од неколку години и дека документот е се уште во нацрт-верзија и во таа смисла се работи за „жив документ“ кој и по усвојувањето ќе биде предмет на повремено ажурирање со цел соодветно да се интегрираат новите обврски што ќе произлегуваат од процесот на интеграција.
-Придонесот во креирањето на реформите за ЕУ интеграција и дефинирањето на приоритетите од вас како граѓански организации ни е особено значен, особено што во текот на годините во вашите редови има развиено експертиза за многу специфични области, затоа вашите предлози, сугестии и укажувања, критики соодветно ќе ги рефлектираме во НПАА, рече Димитров кој потенцираше исто така дека е важна нивната улога во следењето на исполнувањето на на планираните реформи и нивниот ефект
НПАА, како што кажа тој, е клучниот стратешки и програмски документ на државата за насочување на процесот на европска интеграција, ги дефинира приоритетите, динамиката и потребните ресурси за усогласување на националното законодавство со европското право, како и активностите за прилагодување на националните институции кон европските административни структури. Документот особено ги зема предвид и правните акти на ЕУ презентирани на таканаречениот објаснувачки скрининг – објаснувачките состаноци за секое поглавје и затоа оваа НПАА е основа за нашата подготовка за билатералниот скрининг и за градење на идните преговарачки позиции.
-Во таа насока, паралелно со ревизијата на НПАА, а во координација од СЕП, се спроведе привичниот аналитички преглед (груба анализа) на усогласеноста на националното законодавство со ЕУ acquis од објаснувачкиот скрининг и беа презентирани преку 3 600 правни акти на ЕУ. Првичната анализа вели дека околу 45% од европското законодавство е веќе транспонирано во националното, што е одлична стартна основа на почетокот на преговори и за приоретизирање и развивање на преговарачка стратегија базирана на докази, реферираше Димитров.
По една декада, информираше вицепремиерот, повторно се навративме на пристапот на систематска подготовка на националната верзија на европското законодавство преку ангажирање на надворешни агенции за превод, а со цел да се забрза динамиката на превод на acquis-то на македонски јазик, согласно приоритетите од НПАА. Во моментов се разгледуваат различните модели за воспоставување на технички комитети за стручна и правна ревизија на преводот, како и дигитализација на постојните терминолошки бази и поимници, преку соработка со МАНУ, Институтот за македонски јазик, академската заедница и други стручни тела.
Методолошки, НПАА е усогласена со стратешките приоритети и Годишната програма за работа на Владата, Програмата за економски реформи, среднорочната буџетска рамка, Агенда: Европа дома, Акцискиот план за борба против корупција, тематските прозорци од ИПА 3, стратешките развојни цели на ОН и другите релевантни секторски стратешки документи. Концептуално, по објавувањето на новата методологија за преговори, наративниот дел на НПАА концептуално е реорганизирана со што поглавјата се групирани во шест кластери, но структурално ги содржи стандардните анекси: Наративен дел кој дава осврт на клучните постигнувања во претходната година и осврт на краткорочните и среднорочните приоритети; Матрицата на цели активности содржи преглед на сите активности предвидени со НПАА 2016 како и институции носители, институции учесници, и рокови за реализација; Анекс 1 – Преглед на националните правни акти кои се предмет на усогласување со законодвствто на ЕУ (со ЕУ мерките и меѓународните стандари кои во нив ќе се транспонираат), со рокови за усвојување, надлежни институции и статус на постапката на нивното усвојување); Анекс 2 – Дистрибуција на работни места и потреби од јакнење на админситративни капапцитети; Анекс 3- Проектирани буџетски средства; Анекс 4 – Инструмент за претпристапна помош (ИПА) и друга странска помош, како и TAIEX обуки.
Околу следењето и известувањето ќе се користат постојните координативни механизми преку НПАА работните групи и другите тела од структурата. Во тек се консултации и со други институции, како и со граѓанските организации за ревизија на актите за преговарачката структура, што, според Димитров, веќе станува прашање на голема итност бидејќи треба да се усвои, но не само на хартија туку и да се операционализира. Се предвидува да се подготвуваат квартални наративни извештаи до Владата и Собранието.
За обезбедување на подобра координација и дигитализација на процесот се работи и на подготовка на интегрирана НПАА платформа за управување со процесот на преговори со која ќе се надградат постојните бази и ќе се развијат нови функционалности и интероператибилни системи. Платформата, покрај внатрешните врски помеѓу модулите, ќе овозможува комуникација со надворешни засегнати страни владини институции, работни групи на НПАА, е-Влада, е-Парламент, Службен весник, агенции за превод итн.
Во моментов обезбедена е донаторска помош за воспоставување на модулите за НПАА, законодавство, администрација, подготовка на националаната верзија на acquis и TNA (проценка за потребите за обуки). Димитров најави дека следната недела ќе биде промовирана апликацијата за електронско поднесување барања и издавање на потврди за регистрација на проекти, меѓу другото и со помош на дел од вас овде присутни, како прв чекор во целосната дигитализација на ЦДАД базата, што е од особена важност
По извршените консултации и конечното усогласување, НПАА ќе се усвои од Владата и ќе се објави на веб страната на СЕП. Планираме и нејзина презентација пред Комисијата за европски прашања во Собранието, пред Националниот совет за евроинтеграции, како и пред службите на Европската комисија во Брисел.
Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации укажа дека по повеќе извештаи на ЕК не соодветствуваат забелешките и препораките со она што ние го даваме како одговор и оти тоа треба да се промени, како и дека треба да се констатира дека корупција во нашите јавни набаки има, но исто така дека и властите преземаат мерки на тој план, посочувајќи на Планот 21.
Претставнции на граѓанскиот сектор укажаа и дека треба да се промени јазикот во документот за да биде појасен, но и дека одредени наводи во него треба да бидат покрепени со анализи и докази, како и оти е потребно да профункционира Законот за донации што ќе им помогне на граѓанските организации да обезбедат одржливост.
Претставничката на Реактор – истражување во акција Неда Петковска посочи дека во програмата недостасува дел што би се однесувал на учество на жените во политиката и застапеноста на високи позиции. Укажа дека во среднорочните цели е предвидено изгласување на нов Изборен законик, но нема инфрмации во која насока ќе биде изменет тој. Од друга страна Петковска укажа на Стратегијата за родова еднаквост каде е предвидено квотите да бидат 50:50 за учество на жените и мажите на изборите и во процесите на одлучување на национално и на локално ниво, што беа и заложби на партиите што сега се дел од владината коалиција. Во делот Влада во драфт верзијата само е констатирано колку министерки има, но вели таа нема предвидено како би се надминал овој јаз. Петковска, меѓу другото, укажа и на потребата на времено информирање и консултација на СЕП со граѓанското општество.
Граѓанските организации до 7 мај имаат можност до 7 мај да достават на писмено забелешки до Секретаријатот за европски прашања забелешки, укажувања и препораки кои ќе бидат резимирани и вметнати во НПАА 2021-2025.