Сметам дека најдобро е Собранието да работеше за да се потврдат двете одлуки на претседателот Пендаровски. Тој при носење на втората одлука ја презеде одговорноста и покрај правните недоречености за да не се сведе се на еден човек, се уште сметам Собранието треба да се врати во нормална функција. Не можам да ја разберам ВМРО-ДПМНЕ која најостро се спротивстави на оваа иницијатива, тука го вклучувам и Џафери, изјави за „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“ Зеќир Рамчиловиќ, говорејќи за одлуката на Уставниот суд дека нема основ за враќање на пратениците во Собранието.
Собранието треба да биде контролор на Владата.
-Во ваква ситуација добро е највисокиот законодавен орган да биде контролор на Владата, а пратениците да ја носат одговорноста. Сметам дека нашите мандати важат, бидејќи целта е државата при ваква вонредна состојба да има функционален Законодавен дом, изјави Рамчиловиќ.
Околу новиот датум за одржување на парламентарните избори, тој смета дека истите може да се одржат до средината на јуни, доколку вонредната соостојба заврши на 16-ти месецов.
-Треба да се почитува ставот на експертите и штом тие кажат дека вирусот е под контрола може да имаме избори. Во последново интервју на Мицкоски видов дека ретерира околу ставовите за избори во септември и сега мислењата се приближуваат за датумот на изборите. Доколку вонредната состојба заврши на 16 мај, сосема нормално би било изборите да се одржат на 16 јуни. Правно најлогично е со укинувањето на уредбата, роковите да продолжат и во средината на јуни да имаме избори. Но, веројатно на лидерската средба, претседателите на партиите ќе се договорат за датумот, вели Рамчиловиќ.