На 36 основни и 13 средни училишта под надлежност на општините и на Град Скопје им се одобрени барањата по јавниот повик за финансирање проекти за реновирање училишни објекти од буџетот од Министерството за образование и наука, кое на својата веб-страница ги објави ранг-листите на проектите од прифатените апликации доставени до 15 април 2021.

На рангирањето општински основни училишта, со најмногу бодови е прифатена апликацијата за реконструкција на Подрачното основно училиште во село Радибуш во општина Ранковце, а меѓу 13-те средни училишта, со најмногу бодови е прифатено барањето за реконструкција и адаптација на објектот на СОУ „Ристе Ристевски-Ричко” во Прилеп.

Според резултатите од јавниот повик што ги објави МОН, со пари од Министерството ќе се финансиираат различни реконструктивни зафати во училишта во населени места кои припаѓаат на општините: Крушево, Куманово, Новаци,  Валандово, Свети Николе, Маврово и Ростуше, Кавадарци, Сарај, Берово, Радовиш, Гевгелија, во основни училишта  во општините Ресен, Кавадарци, Битола, Македонска Каменица, Илинден, Кочани, Делчево, Прилеп, Куманово, Гостивар и во скопските општини Кисела Вода, Ѓорче Петров, Бутел и Аеродром.

Покрај СОУ „Ристе Ристевски-Ричко” во Прилеп, на листата со прифатена апликација за реконструкција е и прилепското средно училиште „Ѓорче Петров”, а по две средни училишта на ранг-листата имаат и Битола (СОУ „Таки Даскало” и „Д-р Јован Калаузи”) и  Велес („Димитрија Чуповски / Кочо Рацин” и „Коле Неделковски”).

Одобрени се и барањата за реконструкции на средни училишта во  Кавадарци, Гостивар, Куманово, Свети Николе, Кичево, Делчево и Скопје (гимназијата „Орце Николов”).

Јавниот повик беше објавен со цел да се подобрат условите и квалитетот на образованието, а средствата за оваа намена ќе се обезбедат од буџетот на МОН преку постапка за јавна набавка спроведена од Министерството.

Во јавниот повик беа наведени и критериумите за бодирање при рангирањето, според  приоритетот/степенот на потребите за различни реконструкции во/на училишните објекти, а беше земен предвид и демографскиот фактор односно бројот на ученици во објектот, паралелките и смените за организирање на наставата.

Повикот не се однесува на финансирање проекти во случај на потреба  за санација на училишните објекти предизвикана од виша сила (пожар, поплава, земјотрес…), за што е потребно итно и неодложно санирање. Исто така, право на аплицирање немаа училишни објекти кои се изградени пред повеќе од десет години.

Јавниот повик e отворен, без рок за поднесување на апликациите (барањата) и е објавен на  веб-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, а оценувањето (бодирањето) и рангирањето на пристигнатите апликации, според наведеното во Повикот, ќе се врши секоја година во неколку пресеци годишно.