Многу е важно да се открие дали автобусот се запалил пред или по судирот со заштитната ограда, изјави за бугарскиот „БНТ“ извршниот директор на Автомобилската управа на Бугарија, Бојко Рановски.

„Инспекторите ќе направат се што е потребно за да го утврдат целото движење на автобусот, местата каде што застанал, одмарале возачите, брзината со која се движел. Сето тоа ќе се утврди“, рече за „БНТ“ Рановски.

„Ќе има соодветни вештачења, во земјава има надлежни органи“, вели тој.

„Се надевам дека вистината ќе излезе на виделина. Многу е важно да се открие дали автобусот се запалил пред или по ударот во заштитната ограда, па ќе се соберат сите информации. Досега немало ваков инцидент“, додаде Рановски.

Тој увери дека камерите на управата се насекаде низ државата и дека можело да се забележи движењето на автобусот.

Според очевидци, автобусот одмарал на почетокот на автопатот „Струма“, на бензинска пумпа, а несреќата се случила на 30 километри по паузата, објасни Рановски.

Имало двајца возачи, уверува тој.