Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Насилство од член 386 став 6 во врска со став 1, како и Предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 65-годишник, на 27.12.2023 година, на булеварот „Јане Сандански“ во Скопје предизвикал значителна опасност за двајца оштетени – мајка и син, а извршил и грубо насилство кон оштетената жена, нанесувајќи и тешки телесни повреди. Додека оштетените со своето возило се движеле по булеварот кон својот дом, осомничениот ги удрил со неговиот автомобил, непрописно поминувајќи преку пешачки премин на црвен семафор. Оштетениот кој управувал со возилото тргнал по осомничениот и на следната крстосница излегол за да го праша зошто ги удрил. Осомничениот тогаш излегол од автомобилот со нож во раката и почнал да му се заканува.

Исплашен, оштетениот се вратил во возилото во кое била и неговата мајка, но осомничениот повторно влегол во неговиот автомобил и тргнал во рикверц, повторно удирајќи во возилото на оштетените. Расправијата продолжила, а кога од автомобилот излегла и мајката, осомничениот ја фатил за коса и започнал да ја влече, насилно ја турнал во неговиот автомобил и започнал да вози во правец кон Лисиче. По околу 600 метри застанал, ја извадил жената од колата и физички ја нападнал, удирајќи ја со клоци и тупаници и заканувајќи и се дека ќе ја фрли во Вардар. На тој начин на оштетената и нанел тешки телесни повреди – три скршеници и потрес на мозок, а кај сведоци на настанот предизвикал чувство на загрозување и страв.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постои опасност од бегство и можност тој да ги повтори кривичните дела.