Од почетокот на новата година во државава се зголемува бројот на новозараени со КОВИД-19, а во последните денови се пријавуваат и по над илјада новозаразени. Активни се 16397 случаи. Во ваква епидемиолошка состојба Владата синоќа по препорака од Главниот координативен кризен штаб  за справување со пандемијата одлучи второто полугодите од учебната година да продолжи од 1 февруари.

Според заклучокот на Главниот кризен координативен штаб, во моментот епидемиолошки земјата се наоѓа во пик, поради што препорача да се одложи учебната година до 1 февруари  со предуслов да се упатат силни апели до родителите за строго придржување на мерките за заштита од коронавирусот.
Од Владата најавија дека Одлуката второто полугодие да продолжи на 1 февруари нема да влијае на крајот на учебната година и таа ќе заврши на 10 јуни како што е предвидено во календарот за наставната програма за основно и средно образование, со соодветна адаптација на наставните планови.
Како дел од одлуката за одложување на стартот на второто полугодие на учебната година се и задолженијата и укажувањата за министерствата за здравство и за образование и наука, Секторот за односи со јавност во Владата, Јавното претпријатие МРТ да упатуваат апели до учениците и родителите максимално да се придржуваат до мерките и препораките за заштита од ковид-19, во домашни услови и на отворено.