Премиерот Зоран Заев денеска оцени дека растот на цените, кој што во моментов се случува во државата е помал од генералниот раст на цените на светско ниво. Засега според него, нема никаква причина за покачување на лебот.

-Знаете дека корона кризата предизвика одредени проблеми, кои направија покачување не само на прехранбени продукти, туку и на метални производи и други производи. Кај нас се уште инлфацијата е 1,8 отсто. Корегирина е во буџетот и очекуваме да не помине 2,2 отсто. Тоа е во рамки на нормална, државата е секогаш тука да интервенира, рече Заев во одговор на новинарско прашање.

Заев напомена дека и намалувањето на ДДВ на цената на струјата од 18 на пет проценти е токму еден од најважните услуги. Како што рече, цената се уште се одржува стабилно, без да се покачува.

Тој посочи дека се интервенира и со други мерки и таму каде што е потребно, се со конечна цел да имаме стабилни нивоа на цените. Заев рече дека засега нема никаква причина за покачување на лебот.

-Засега нема никаква причина за покачување на цената на лебот, затоа што условите се исти, државата секогаш интервенира и на сметка на државата прави откуп на вишоците на државните резерви, а после исто така на сметка на држава ги пушта во промет, се со цел да биде балансер на цената на прехранбените продукти меѓу кои овде е значајно брашното и лебот, рече Заев.

Прашан за законот за облигациони односи кој е на сила од 1 октомври, Заев рече дека ова е уште едно законско решение, кое е во процедура, се со конечна цел да интервенираат во помош и поддршка на посиромашните.

-Првото решение е дека каматата не може да биде поголема од главниот долг, и второто решение кое што се надевам Парламентот ќе го поддржи, јас разговарав со пратеничката група, со министерот за правда, го дадов своето мислење, а тоа е дефинитивно застареноста да биде пресечена исто така на десет години и секако делот на каматите кои што поминуваат после десетта година да не смеат да се пресметуваат, рече премиерот.

Според Заев, ова веројатно ќе предизвика одредени последици кај банките и кај компаниите, но како што рече, ако сите тие доверители не успеале за 10 години да ги наплатат побарувањата, тоа е виртуозен круг во кој што се влезени граѓаните, а ништо нема да значи за правните субјекти, банките или фирмите.

-Дефинитивно тоа е пресметан ризик според мене и треба да го отпишат како побарување од спорни и ненаплатливи побраувања кога после веќе 10 години не успеале да го наплатат таквото побарување. А впрочем не е дозволиво каматата да биде поголема и од главниот долг. На крајот, државата постои за граѓаните, рече премиерот.