Откако на прес-конференција беше потврден првиот случај на корона вирус кај 50-годишна жена која допатувала од Италија, јавноста ги „истури“ на социјалните мрежи своите мислења, ставови и реакции за новонастанатата состојба. Не одминаа ниту лажните вести и тенденциозното кревање на паника меѓу граѓаните.
Имено повеќето свесни одговорни граѓани повикаа да не се крева непотребна паника, но не изостанаа ниту пофалните зборови за надлежните кои благовремено, прецизно и посветено ја објаснија ситуацијата со цел да не настане ширење на болеста.
-Веднаш почнаа со ширење лажни вести, паники и лов на ситни политички поени, дури и за сериозна болест како корона. Какви мизерии, и живот сопствен и на блиски би загрозиле, за малку слава и власт.Оставете доктори и институции да работат, лудаци! – реагираше Петрит Сарачини на својот ФБ профил.
-Слушете ги советите и препораките од министерство за здравство, лекарите и останатите надлежни институции.Тргнете ги настрана сите шпекуланти и “експерти” на секоја тема на социјалните мрежи! Тралалајковци за да се направат интересни ги има многу, без да проценат каква штета може да направи нивната непромислена изјава или паника по социјални мрежи.Во вакви ситуации на будалите не ми пишува на чело, со своите постапки сами ќе се јават. – констатира Круме Смилков.
-Две прес конференции за само 5 часови, на кои до детали ја објасни актуелната состојба во државата после откривањето на првиот случај со заболен од корона вирусот. Смирено, без паника, одговарајќи на сите новинарски прашања, министерот за здравство покажа каков треба да биде односот на секој носител на висока државна функција – одговорен, професионален, стручен и транспарентен. – пишува Зоран Милошоски.
-Честитки за Владата за брзата и професионална реакција поврзана со првиот потврден случај на коронавирус во Македонија…Заразената 50-годишна жена се возела со комбе, а во комбето се возеле девет лица… Сите девет лица се експресно пронајдени (на пет различни локации) и ставени во 14-дневна изолација (со полициски надзор)… Вклучително и роднини што ја пречекале заболената… – пишува Ацо Лукароски.
– Северна Македонија е способна за првично и многу рано откривање на можните случаи со коронавирус. Знае како да се справи со нив. Системот е подготвен и може да одговори на барањата за хоспитализација, смета шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во земјава, Џихан Тавила.