Реконструирани 62 објекти на МВР, во моментот се реновираат 11 објекти – продолжуваме со подобрување на условите за работа на полицијата
Раководството на МВР продолжува со несмален интензитет да реконструира објекти на полицијата на територијата на целата држава, со цел подобрување на условите за работа на полициските службеници, што претставува дополнителна мотивација за вработените успешно и навремено да ги извршуваат работните задачи и да испорачуваат резултати, а граѓаните да добиваат навремени и квалитетни услуги.

Денеска беше промовирана мапа на реконструирани објекти на МВР низ државата, при што министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека за само неколку години, од 2017 година до 2021 година, целосно завршени се вкупно 62 објекти на МВР на територијата на целата држава.

„Од ноември 2020 година до денеска продолживме со нов двоцифрен број на објекти, односно во тој период вкупно се реконструирани 13 објекти, а во моментот се работи на нови 11 објекти, и тоа: ПС Карпош, ПС Гази Баба, Одделот за заштита на определени личности и објекти, ОВР Крушево, ОВР Прилеп, ОВР Радовиш, Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Штип, ОВР Свети Николе, ОВР Пробиштип, ОВР Делчево, ОВР Берово”, потенцираше министерот Спасовски.

Во периодот од ноември 2020 до ноември 2021 завршена е реконструкцијата на 13 објекти, и тоа Управни служби во ОВР Кавадарци, ПС Крива Паланка, ПС Гевгелија, ПС Ростуше, Војнички клуб „Илинден“, ПС Ресен, ПО Дојран, ПС Старо Нагоричане, ПС Ранковце, ПС Чашка, СВР Куманово, ПО Македонска Каменица, ПО Кривогаштани.

Актуелното раководство на МВР преку континуирани реформи создава полиција – сервис на граѓаните, со подобрување на материјално-техничките услови за работа во МВР, со зајакнување на капацитетите на полицијата, со набавка на нови униформи и опрема за специјалните и другите полициски единици, со нови возила, со исплата на бонус плати за прекувремена работа. За овие неколку години, како ниту едно раководство претходно, инвестираше многу во капацитетите на МВР. Се вложуваше во нова генерација на комплетно опремени и задоволни полициски службеници, во изградба на силна институција, која ќе го гарантира редот, безбедноста и владеењето на законите, како и етаблирање на полицијата како гарант за заштита на законитоста и квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани. Сето ова резултираше со рангирање на нашата држава како најбезбедна држава на Западен Балкан, која за неколку години од 71. место се искачи на 40. место.

Вложувањето во македонската полиција ќе продолжи со несмален интензитет, со цел имплементација на европските стандарди и зајакнување на капацитетите на полицијата во интерес на граѓаните и нивната безбедност.