„Независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска одби да присуствува на дебата на „Макфакс“ и „А1он“ со другите кандидати за градоначалник на Град Скопје.

Иако е право на секој кандидат како ќе се однесува во текот на кампањата и избор каде ќе настапува, сепак очигледно е дека Арсовска засега избегнува директно соочување со другите кандидати, особено со актуелниот градоначалник.

Дебатата, како еден од основните институти на демократијата, е особено важен за учесници во изборите, како канал преку кој јавноста и гласачите ќе можат самите да се уверат во понудата на кандидатите.

Игнорантскиот однос на Арсовска кон медиумите, одговарањето на нарачани прашања и интервјуа, тогаш кога ги има, се карактеристика на едно друго време и лесно може да се поистоветат со медиумскиот мрак и слабиот индекс на слобода на говорот додека партијата која ја поддржува, ВМРО-ДПМНЕ, ги имаше локалната и централната власт.

За утре е планирана дебата во студиото на „Макфакс“ и „А1он“, на која ќе се соочат кандидатите за градоначалници на Град Скопје. Според „Макфакс“ и „А1он“, сите кандидати кои беа поканети го прифатиле учеството, освен Данела Арсовска, која првично прифатила, а потоа учеството го откажал кандидатот поддржан од Левица.
Од тимот на Арсовска поканата е одбиена со образложение дека кандидатката е зафатена со претходно договорени обврски во кампањата.

Јавноста и гласачите имаат право да ја знаат понудата со која кандидатите влегуваат во изборната трка. Дебатите се демократска придобивка од која корист има целата јавност. Избегнувањето на отворени дебати и дискусии е доказ плус за тоа дека можеби, зад целата „игра“ во трката за градоначалник, можеби се кријат други агенди и заднински намери, кои јавноста допрва ќе има потреба да ги дознае“, стои во соопштението на изборниот штаб на СДСМ и коалицијата во Скопје.