СДСМ бара од пратеникот и претседател на собраниска комисија, Антонио Милошоски да не го блокира Законот за рестриктивни мерки. Според партијата, Милошоски кој раководи со собраниската Комисија за надворешна политика, треба веднаш да го стави на дневен ред Законот за рестриктивните мерки и законот да биде усвоен.

-Нема компромиси во борбата против корупцијата и криминалот и не смее да има дополнителни одлагања. Секој чекор поблиску до ЕУ ќе значи позасилена борба против високата корупција и во иднина значително ќе влијае на намалувањето на ваквите случаи и ќе придонесе во обезбедувањето правичен правосуден систем, велат од партијата на власт.

Ваквиот став на партијата на Димитар Ковачевски доаѓа откако Американскиот Стејт департмент вчера ги стави на „црната листа“ кандидатот за претстојните претседателски избори и градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева.

Според соопштението на Стејт департментот, Јакимовски и Јанева се на листата поради „вмешаност во значителна корупција“ и дека со „нивните постапки го поткопувале владеењето на правото и вербата на јавноста во демократските институции и јавните постапки“.

Се прецизира дека Јакимовски во својство на градоначалник на општина Карпош бил „вклучен во коруптивни дела, вклучувајќи искористување на неговата службена положба да се меша во урбанистичкото планирање и јавните набавки за корист лично за него и за неговите соработници2“.

Јанева е ставена на „црната листа“ затоа што за време на нејзиниот мандат во поранешното Специјално јавно обвинителство „учествувала во коруптивни дејствија, како и за злоупотреба на политичко влијание и моќ за лична корист“.

Според Стејт департментот, за Јанева има веродостојни информации дека барала и примала мито за да влијае на работата на обвинителството кое било под нејзина надлежност.

На Јакимовски и Јанева, како и на членовите на нивните семејства им е забранет влез во САД.

Уште од претходно на црната американска листа се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на државната безбедност и бизнисмен Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камчев и неговата мајка Ратка, поранешниот вицепремиер за економски прашања, бизнисменот Кочо Анѓушев и градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.