„ВМРО-ДПМНЕ е симбол за неспособност, за партизација и хаос во единиците на локалната самоуправа кои ги предводи.

Таквиот хаос е најистакнат во Град Скопје, каде нема реализирано ниту еден проект од програмата, не се реализираат ниту наследените проекти кои се во одмината фаза и за чија реализација се обезбедени пари.

Јавниот превоз е во колапс, ЈСП тоне во долгови, а катастрофална е состојбата и во други Јавни претпријатија како „Водовод и канализација“ и „Паркови и зеленило“.

Хаос, неработење, но и удар врз џебот на граѓаните се случуваат и во други општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа година на светска економска криза, многу општини ги зголемија цените на комуналните услуги.

Во Штип цената на ѓубретарина е зголемена за дури 110 отсто, во Гевгелија 90 отсто, во Прилеп за 67 отсто, поскапени комунални услуги има и во Охрид, во Радовиш, Во Виница…

Додека удираат по џебот на граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините и парите од задолжувањата ги трошат расипнички на непродуктивни трошоци и на партиски вработувања.

Општина Радовиш се задолжува со 800.000 евра преку комерцијален кредит, градоначачалникот на Ѓорче Петров троши 100.000 евра за луксузно опремување на новата општинска зграда, а градоначалникот на Гевгелија потрошил над 14.000 евра за девет месеци за ручеци и вечери по ресторани.

Во сите овие општини, но и во многу други како Град Скопје, Бутел, Кисела Вода, Велес, Битола, Ресен, се случува масовна партизација каде општините и јавните претпријатија се полнат со кадри од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа е се што „сработија“ градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за оваа прва година од мандатот.

ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната локална и градска власт“, се вели во соопштението на СДСМ.