СДСМ денеска повторно го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да одговори за како што го нарекуваат од владејачката партија, скандналот со испумпување пари од ЕЛЕМ, сега ЕСМ во периодот кога бил директор, на блиски луѓе од партијата.
Стефан Васев од СДСМ денеска ги повтори тврдењата на портпаролот на владејачката партија Костадин Костадинов од вчера, дека Мицкоски прво склучил Договор за адвокатски и советодавни услуги со Панче Тошковски, од ВМРО-ДПМНЕ, на износ од 1.600.000 денари или 25.000 евра, за период од две години.
Само 5 месеци подоцна, во март 2017 година, Мицкоски склучил нов договор со Тошковски, вреден нови 8.850.000 денари односно 143.000 евра, за адвокатски услуги.
Од СДСМ најавија дека документите како индиции за криминал и расипништво со парите на граѓаните ќе ги предадат до надлежните институции, а со усвојувањето на Законот за јавно обвинителство создадени се сите услови за надлежните институции да делуваат и да донесат правда.
„ Затоа извршителот Мицкоски работеше против Законот за Јавно обвинителство, затоа што се плаши од правдата исто како и неговиот шеф во Будимпешта“, рече Васев на денешната прес конференција.
Темата прв ја отвори лидерот на СДСМ Зоран Заев кој завчера на ТВ-дуелот спомна дека Мицкоски, како директор на ЕЛЕМ, склучил два едно по друго договори со сличен предмет – адвокатски услуги, со Панче Тошковски, кој беше дел од преговарачкиот тим на опозициската партија за Законот за јавно обвинителство.
Панче Тошковски вчера во реакцијата на прозивките од СДСМ вели дека додека нему адвокатурата му е професија, за врвот на СДСМ криминалот е професија од која функционерите се богатат на грбот на чесните граѓани.
„Вистината е дека се работи за склучени потполно два различни договори, по отворена транспарентна постапка и кога почнува вториот договор, се раскинува првиот. Впрочем, тоа е договорот по кој работев како адвокат до пред 6 месеци, длабоко во мандатот кога Заев е премиер. Сигурен сум дека ако имало барем тронка неправилност, тронка нарушување на процедурите, СДСМ со нејзините алатки во правосудството немаше да жали средства да направи прогон и за овој случај, a и нема да ме чуди да направат монтажа како што тоа го прават редовно и често, но залудно“, вели Тошковски.
Извор: 360 степени