Од СДСМ јавно ги прашаа пратениците на Левица и Алијанса за Албанците што имале против недела да биде неработен ден.

„Зошто сте против 92 проценти од вработените во недела да одмараат, а преостанатите 8 проценти кои ќе работат да добиваат до 100 отсто зголемена дневница?“, прашуваат од СДСМ.

Тие додаваат дека знаат зошто е тоа така.

„Всушност, знаеме зошто пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Алијанса и Левица ги блокираат измените во Законот за работните односи: тоа го прават за нашето општество да не добие позадоволни и попродуктивни работници и работнички на пазарот на труд а од тоа бенефит да имаат сите!“, велат од СДСМ.

Најавуваат дека недела неработен ден ќе стане реалност, а минималната плата ќе достинге 18.000 денари благодарение на стабилно парламентарно мнозинство.

„Ваквите измени на Законот, нормално, не им одговараа да се случат пред локалните избори. Од истите причини ги блокираат и законските измени со кои 4.700 наставници и стручни соработници во основното и средното образование ќе добијат решение за трајно вработување со што ќе стенат правна и економска сигурност. Од истите причини го блокираат и предлог Законот за отпис на камати на долгови, со што на над 150.000 граѓани ќе им се помогне да го решат проблемот со задоцнетото плаќање на долговите кон јавните и државни претпријатија. Од истите причини пратениците од опозицијата најверојатно ќе се обидат да го блокираат и веќе најавеното зголемување на минималната плата на 18.000 денари планирано за јануари 2022 година. Долго време го блокираа и субвенционирањето на платите од 14.500 денари со пакетите антикризни мерки и не ни помислија како преживуваат работниците и работничките тие неколку месеци колку што им траеше блокада“, велат од СДСМ.