СДСМ како одговорна партија се грижи за заштита и унапредување на животната средина и здравјето на граѓаните. Управувањето со отпадот е и останува наш приоритет. Тоа го покажуваат и мерките кои ги преземаме за воспоставување на интегрирано управување со отпад, со фокус на сите прашања од оваа област за кои нудиме законски решенија и постојано ги решаваме, вели Каја Шукова, претседателката на Комисија за животна средина на СДСМ..

“По отворената дебата и мислењето кое го даде невладиниот сектор и експертската јавност како одговорна партија ја информираме јавноста дека ги подржуваме измените на Законот за управување со отпад, со кој се предлага забрана на увоз на отпад кој се користи како извор на енергија.

Го следиме интересот на граѓаните и затоа пратеничката група на СДСМ ќе го поддржи и ќе гласа ЗА предлог законското решение за забрана за увоз на отпад, кое е влезено во собраниска процедура.

Лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да зборува за забрана за увоз на отпадот кога се знае дека додека беа на власт во нашата држава се увезуваа над сто илјади тони опасен отпад. Денеска таа бројка е намалена на две илјади шесто тони.

Како одговорна власт се обврзуваме дека во најбрз можен рок ќе усвоиме целосно системско решение за овој проблем, кое ќе ги опфати сите аспекти на увоз и извоз на отпад и негова постојана контрола преку сите институционални форми, а во согласност со европските пракси.

Во таа смисла ќе акредитираме и домашна лабораторија за проверка на составот на отпадот, ќе се ангажираат повеќе инспектори кои ќе вршат редовни и вонредни контроли на правните лица кои вршат увоз и извоз на отпад од Македонија

Факт е дека во нашата држава, после долги години манипулирање со граѓаните се преземаат вистински мерки за управување со отпадот.

Се расчистува опасниот отпад од ОХИС, се работи на утврдување на состојбите со останатите две депонии во и околу кругот на ОХИС, се засилува инспекцискиот надзор на централно и локално ниво, а Дрисла конечно е под надлежност на град Скопје. Начинот на управување на Дрисла ќе биде во согласност за законската регулатива во РСМ, со нови инвестиции и унапредување на системот за интегрирано собирање, транспорт и депонирање на отпадот. Намалувањето на отпад кој се депонира е наш приоритет, согласно европските цели и стандарди, како и позитивни искуства.

Граѓанскиот, научниот сектор и деловната заедница остануваат наши партнери во креирањето и имплементацијата на политиките за животната средина. Граѓаните умеат да ги препознаат вистинските политики кои и носат добро на државата наспроти лицемерието, лагите и измамите. Затоа на 12 април ќе дадат поддршка за политиките на СДСМ кои даваат резултати”, порача Шукова.