На денешната прес-конференција Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ, повика на лидерска средба како можност за обединување на сите политички субјекти со цел Македонија да остане стабилна и посветена на мирот, соживотот и почитувањето на различностите.

“Ова е време кога политиката треба да го покаже своето најдобро лице – лице кое обединува, кое создава доверба и кое промовира единство. Граѓаните од нас, политичарите, очекуваат да бидеме пример за смиреност, мудрост и посветеност кон заедничкото добро. Да го направиме токму тоа. На оваа средба, сите заедно треба да испратиме порака дека Македонија е и ќе остане држава на сите нејзини граѓани. Држава која ги почитува различностите и која ги штити државните симболи, редот и мирот. Држава која не дозволува поделби, конфликти и провокации“, изјави Илиевски.
Тој додаде дека граѓаните треба да ја видат сликата на заедништво – сликата на лидери кои се подготвени да седнат на иста маса, да разговараат и заеднички да се справат со сите предизвици.
„Сите сме свесни за значењето на меѓуетничките односи во нашата држава. Затоа, од тука апелирам до сите граѓани да останат смирени и воздржани. Почитувањето на различностите и дијалогот се темелите на нашето заедничко општество. Ова се вредности кои нè обединуваат, а не раздвојуваат. Вредности кои треба да ги негуваме и да ги чуваме како најголемо богатство“, додаде Илиевски.