За само две и пол години успешните политики на СДСМ и претседателот Зоран Заев овозможија остварување на стратешките цели на државата, стои во најновото соопштение од СДСМ.

По приемот во НАТО, Република Северна Македонија ги започнува преговорите за членство во ЕУ. Советот за општи работи на ЕУ се согласи дека нашата држава треба во најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ.

Ова е една голема потврда и признание за сите заложби кои ги направивме како држава за релативно краток период , за само 2.5 години.

Добивме големо признание за истрајноста, капацитетите и политичката волја на нашите институции – Владата, Собранието, Судството да ги спроведат реформите поставени како наша цел уште во 2017 година.

Постигнавме завидни и значајни резултати во сите овие области. Доказ за тоа се позитивните оценки нотирани во извештаите на Европската Комисија и резолуциите на Европскиот Парламент.

Државата, граѓаните, добија признание за храбрите и тешки политички одлуки кои ги донесе Владата и владејачкото мнозинство во Собранието предводени од СДСМ за решавање на долгогодишните спорови со нашите соседи Грција и Бугарија.

Без Договорот од Преспа и без Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија немаше да биде возможен овој денешен успех.

Ова е уште една потврда дека само заедно, сплотени, солидарни и поврзани можеме да дојдеме до заедничката цел.

Станавме членка на НАТО сојузот , добивме позитивна одлука за почеток на преговори со ЕУ. Сето тоа е мотивација за сите дека заедно можеме да ја победиме и коронакризата која не само нас као држава, го стави целиот свет под закана по здравјето на луѓето.

Република Северна Македонија продолжува храбро да чекори напред, кон напредок и просперитет за сите нејзини граѓани! – порачуваат од СДСМ.