„Во време кога сите се соочуваме со последиците од коронавирусот, државата прави најголеми напори да го спаси секое работно место, секоја компанија и да се обезбеди приход за секој граѓанин.
Вториот економски пакет на Владата вреден 200 милиони евра овозможува директна помош за сите граѓани, за работниците, за стопанството, малите и средни претпријатија, дуќаните, занаетчиите и сите оние кои се дел од неформалната економија, спортистите, уметниците…
Во таа насока е и владината мерка со која се обезбедува по 14.500 денари за секој вработен за месеците април и мај во сите фирми кои се погодени од здравствено-економската криза при што ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании.
Износот на оваа финансиска поддршка, ќе се исплатува до 13-ти во месецот, за претходниот месец.
Како обврска од користењето на оваа мерка е работодавачот да го задржи истиот број на вработени што го имал во месецот кога побарал финансиска поддршка и тоа за времетраење од четири месеци после нејзиното престанување.
Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат за изберат да ја користат и мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени.
Со пакетот економски мерки, никој не е заборавен. Граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе им исплаќа месечна плата во висина од 50 проценти од просечната плата на работникот во последните 24 месеци.
За граѓаните кои се дел од неформалната економија се обезбедува надомест од 7.000 денари по домаќинство.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија за изминатите 2.5 години покажа дека преку исправни политики, храбри чекори и цврсти одлуки можеме да се справиме со сериозни предизвици.
Затоа веруваме дека заедно сите, сплотени и солидарни ќе успееме да се справиме и со здравствената и економска криза“, се вели во соопштението на СДСМ.