“Единствено заради негрижата од единаесет годишното владеење на ВМРО ДПМНЕ и комплетната игнорирањето на оваа категорија на лица, во изминативе две и половина години силно го интензивиравме процесот на деинституционализација. Од вкупно 482 корисници кои беа сместени и заборавени во шесте резиденцијални социјални институции во земјава, денеска во институциите живеат 267 лица, што претставува намалување за повеќе од 44%.

Техничката министерка Мизрахи самата потврди во каква катастрофална состојба нејзината партија го остави Специјалниот завод Демир Капија велејќи:  „На почетокот на владеењето на СДСМ оваа установа имала 227 корисници со 41 негуватели. Тоа значи еден негувател секој ден се грижел за 6 корисници“.За да и биде на јавноста појасно, со деинституционализацијата, фокусот го ставивме на децата под 18 годишна возраст.
На почетокот на мандатот  институциите згрижуваа 180 деца, а денес нема ниедно дете во институциите. Сите деца живеат во заедницата – во згрижувачки семејства или во мали групни домови, во средина најблиска на семејната. Кога на почетокот на мандатот, тогашната министерка Царовска најави дека во земјава нема да има деца во институциите до крајот на 2020 година, многумина велеа дека тоа е „невозможна мисија“. Невозможната мисија ја остваривме една година пред рокот! Конкретно, за Специјалниот завод Демир Капија, денеска во заводот се сместени 189 лица, за кои се грижат 40 негуватели. Денес еден негувател се грижи за четири лица, а не за шест – состојба што ја затекнавме на почетокот од мандатот.

21 поранешен корисник на Специјалниот завод Демир Капија се сместени во пет групни домови, а за нив се грижат 22 негуватели и две стручни лица. Со досегашното спроведување на деинституционализацијата развивме модел на интензивна и индивидуализирана грижа за корисниците, токму како што посакува техничката министерка Мизрахи – „еден негувател на еден корисник“. Поради создавање на похумани услови за корисниците за периодот додека не се преместат да живеат во локалните заедници во ноември минатата година започнавме реконструкција, односно санација на сите објекти каде моментално има сместени корисници,  во вредност од 10,5 милиони денари. Тоа е она што го остави позади себе како владеење ВМРО ДПМНЕ и нивните кадри кои сега се околу новата техничка министерка како едни од главните советници.

Дали тие ќе ја советуваат техничката министерка повторно да биде заборавен и уназаден системот на социјлана заштита  доколку ВМРО-ДПМНЕ некогаш дојде на власт.” – реагираат од СДСМ.