На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за конституирање на Комитет за преговори и преговарачкиот тим за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (Делница на автопатот Прилеп-Битола) во Република Северна Македонија.

За членови на Комитетот за преговори се определени првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП Државни патишта Ејуп Рустеми.

Како посебен заклучок по оваа точка, Владата одлучи да достави допис до Собранието на Република Северна Македонија со барање за член на овој Комитет да биде номиниран и претставник на најголемата опозициска партија.