Во вчерашното издание на контактната емисија “Црвена линија” емитувана на Телма ТВ, д-р Милена Стевановиќ, директор на Инфективната клиника во Скопје, одговараше на прашањата на гледачите во врска со светскиот предизвик Ковид-19 и разјасни многу вистини и митови поврзани за коронавирусот, а кои периодов главно се пласираат преку социјалните мрежи.
- Кој сè е вклучен во борбата со Ковид-19 во рамките на Инфективната клиника?
Д-р Стевановиќ: Тим лаборанти, тим медицински сестри, тим млади лекари, тим постари лекари, тим ветерани лекари кои несебично влегоа во оваа приказна иако практично судејќи според нивната возраст и можните други хронични болести, тие се во највисок ризик.
Никој од нив не направи чекор назад. Напротив, еден од нашите најстари професори, проф. Босилковски, денеска е во Дебар и им помага на колегите таму да се справат и да се организираат во овие услови на затворен Дебар. Останатите помагаат секаде каде што е возможно. Покрај здравствено-политичката сцена којашто ја гледате секојдневно, вклучени се и рентген институт, интернисти, гастро-ентерохепатолози, кардиолози, хематолози од кои имаат потреба и останатите наши пациенти. Денеска нема бел мантил кој не е ставен во функција на овој проблем. Ако не функционираме сите како едно, нашите бели мантили и нашите граѓани, никој нема да излезе како победник од оваа ситуација.
- Што претставува 14-дневен карантин?
Д-р Стевановиќ: За 14 дена очекуваме да се појават симптоми на болеста. Ако сте биле во контакт со лице од висок ризик, за 14 дена очекуваме да се појават симптоми. Ако за 14 дена не се појават симптоми сметаме дека тие нема да се појават и дека всушност сте на сигурно.
- Дали постои карантин од 28 дена?
Д-р Стевановиќ: Да, постои, но тоа е во толку многу ретки случаи така што навистина не можеме сите луѓе да ги ставиме во 28-дневен карантин. Највисокиот процент на појава на симптоми е до максимум 14 дена, иако во највисок процент од симптомите кои се појавиле биле во првите 5,6 до 7 дена. Оттука почнува развивањето на болеста.
- Кои се фазите на болеста Ковид-19?
Д-р Стевановиќ: Може да даде лесна слика, но може и по еден извесен период на полесна симптоматологија, без потешкотии, да следи нагло влошување на состојбата. Затоа е исклучително важно да знаеме колку луѓе се самоизолирани за да се планираат болничките капацитети.
- Како да се заштитиме доколку работиме на шалтер со документи?
Д-р Стевановиќ: Ако има механичка преграда, односно стакло, веќе постои механичка заштита. Доколку се примаат и пренесуваат документи потребно е често миење на рацете. Сè што правиме е за да ги намалиме ризиците, апсолутна заштита не постои! Чистењето на стаклата со дезифициенс 2 пати дневно ќе заврши голема работа.
- Дали доколку се пие голтка вода на секои 15 минути вирусот се отстранува од усната шуплина?
Д-р Стевановиќ: Пиењето вода е здраво. Секако дека водата е здрава, но немојте да живеете во заблуда дека таа може да нè заштити од кој било вирус. Не оди тоа баш така. Исто така е заблуда дека ако можете да го задржите здивот 10 секунди тогаш сте здрав.
- Дали коронавирусот умира на високи температури ?
Д-р Стевановиќ: Овој вирус е доста осетлив на висока темпераутра, на дезифициенси од типот на алкохол и варикина. Нема потреба од некои високо софистицирани дезифициенси.
- Дали со зголемувањето на надворешните температури коронавирусот ќе исчезне?
Д-р Стевановиќ: Точно е дека под влијание на висока температура коронавирусот се уништува од надворешните површини на предметите. Меѓутоа, ние сме сведоци дека во земји каде што е веќе топло, инфекцијата не е застаната. Не би сакала да шпекулирам какво влијание би имале климатските услови врз болеста.
- На кој начин се дијагностицира Ковид-19?
Д-р Стевановиќ: Со земање длабок брис од нос и грло кој се става во специјален медиум, епрувета во која има течност и така подготвен примерокот се упатува на Институтот за јавно здравје каде што се врши една многу софистицирана технологија – PCR, при што се бара генетскиот материјал на вирусот и така го потврдуваме неговото присуство во организмот.
- Дали луѓето во самоизолација се високо ризична категорија за семејството?
Д-р Стевановиќ: Ако луѓето се изолирани тоа значи дека биле во висок ризик. Што се однесува до семејството, секогаш се препорачува изолираниот пациент да биде изолиран во посебна соба. Ако не е возможна комплетна физичка изолација на суспектниот пациент од остатокот од семејството тогаш се препорачува преземање на максимум мерки: носење на маска на оној кој е суспектен, хигиена на највисоко можно ниво, често проветрување, одржување на растојание, засебен прибор за исхрана.
- Дали вирусто остава трајни последици врз нашето здравје?
Д-р Стевановиќ: Тоа допрва ќе видиме. Досега се забележани фиброзни промени во белодробието, но не смее да се шпекулира. Во иднина ќе има доста материјал за анализа.
- Постои ли лек за Ковид-19?
Д-р Стевановиќ: Ова е многу тешко прашање бидејќи сега во моментов не може да се даде прецизен одговор. Специфичен лек за третман на Ковид-19 нема.
Она што е потребно е симптоматско лекување, намалување на температура, дополнување на течности при дехидрираност, следење на електролити, следење на други параметри во крвта, држење под контрола на другите хронични болести итн.
- Дали откако еден пациент успешно ќе се излекува од Ковид-19 постои можност тој повторно да се зарази?
Д-р Стевановиќ: Тоа сèуште не е разјаснето и допрва ќе се проучува.
- Дали е дозволена прошетка на отворено без контакт со луѓе?
Д-р Стевановиќ: Да, дозволена е прошетка надвор, без контакт со луѓе и без групирања и тоа не носи ризик.
- Каков ред е воспоставен на Инфективната клиника?
Д-р Стевановиќ: Инфективната клиника е во еден апсолутен ред, секој си ја знае својата работа. Пациентите со Ковид-19 се целосно изолирани, тргнати настрана. За нив се грижи еден посебен тим на лекари. Амбулантите функционираат, “Мој термин” функционира, конзилиарните прегледи редовно и континуирано се обавуваат, иако сето тоа е сериозно редуцирано. Дисциплината е на највисоко ниво.
- Што мислите за паничното купување намирници во маркетите?
Д-р Стевановиќ: За оваа проблематика треба да се вклучат и колеги психијатри и психолози и тие би дале многу точна дефиниција за оваа состојба, тоа се социјални реакции во општеството како последица на страв. Секое вакво есктремно однесување само придонесува за продлабочување на кризата. Вие може да влезете и да го испразните пола маркет и автоматски следните после вас можеби нема да можат да земат основна намирница потребна за секој ден. Ние немаме спречен дотур на роба во државата. Можеби куповната активност треба да биде на ниво на недела со цел остварување помалку контакти, но феноменот на празни рафтови во продавниците е апсолутно неоправдан.
- Кои превентивни мерки ги препорачувате?
Д-р Стевановиќ: Како прво, почитувајте ги препораките кои ги даваат здравствено-политичките власти на дневна основа и како второ, апсолутно придржувајте се до нив!