Седуммесечно бебе синоќа починало на скопската Клиника за детски болести, потврди директорот Реџеп Мемеди.
Тој ги негира првично пласираните информации во дел од јавноста дека бебето било одбиено за хоспитализација и дека било згрижено дури по 48 часа. Тој за Канал 5 вели дека детето било во исклучително тешка состојба и имало оштетувања на повеќе органи.
-Бебето било суспектно за синдром што зафаќа повеќе органи, мултиорганско затајување кое има прогресивен тек. Исто така детето имало и вродена дисморфија на лице и глава кое не било генетски испитано, затоа што детето било за прв пат примено во нашата болница. И покрај напорите на колегите од одделот за интензивна нега, текот бил брз и со прогресивно оштетување на повеќе органи со крајно влошување, рече во изјава за Канал 5, – Реџеп Мемети- директор на Клиника за детски болести.
Ова е четврти смртен случај на Детска клиника за неколку месеци. Последен пат, пред месец и пол, кога почина петгодишно дете поради воспаление на мозокот. Претходно, на клиниката починаа 14-месечно бебе од Скопје и новороденче од Струмица. За смртта на осумдневното бебе од Струмица, директорот на Детска тврдеше дека нема ништо спорно, зашто новороденчето било предвреме родено со мала тежина и со тешка форма на сепса. Државниот санитарен и здравствен инспекторат постапуваше и по овој случај, но не утврди пропусти.
За случајот, со 14 месечното бебе од Скопје, ДСЗИ утврди пропусти во лекувањето поради што по извршениот надзор Детската клиника беше казнета со глоба од 4.000 евра а директорот со 1.200 евра.
Директорот на болницата Мемети тогаш тврдеше дека во изминатите години стапката на смртност била и до трипати поголема за разлика од годинава.