Поранешниот министер за здравство Имер Селмани, во денешното гостување во “Отворено студио” на 24 телевизија со став дека во следниот период очекува опаѓање на бројката на новозаразени со коронавирусот бидејќи моментално имаме голем број на детектирани случаи, но вирусот не предизвикува толку тешки симптоми на болеста, односно од 10 пациенти, 8 или 9 се речиси асимптоматски.

“Ние како држава можеме да се гордееме со едно нешто, дури сме некаде на ниво со Хрватска по бројот на направени тестови на 100 000 жители. Значи ние правиме релативно голем број на тестови. Тоа значи дека колку повеќе правиме тестови, толку се зголемува веројатноста за откривање заразени, инфицирани граѓани со вирус, па и асимптоматични случаи. Во овој контекст, ние премногу не се разликуваме од регионот, имаме бројки коишто кажуваат дека имаме голем број на детектирани на милион жители и тоа е факт.

Вината за денешните бројки не треба да ја бараме во Комисијата за заразни болести, тие луѓе лично ги познавам и се прекрасни експерти, луѓе кои ја познаваат проблематиката и ценам дека подобри од нив ние немаме во државата и не можеме да најдеме. Грешката е во неспроведувањето на мерките, односно за наша несреќа кај нас пандемијата започна во времето кога веќе имавме техничка Влада и ако ги погледнете ресорите кои се управувани од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, честопати во текот на самата пандемија имаше сопки, односно ако Министерството за здравство излегуваше со барање за строги мерки и почитување на тие мерки, Министерството за внатрешни работи некако лабаво ги гледаше тие работи и мислам дека техничката Влада е една од причините зошто мерките не се спроведоа докрај. Убеден сум дека да имавме политичка влада со политичка одговорност немаше да ни се случи тоа што ни се случи сега” – истакна Селмани.

Селмани додаде дека граѓаните не ги почитуваат мерките бидејќи очигледно не е направено влијание врз меморијата и свеста на колективот, а како лош модел  за граѓаните го посочи и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

“Не може претендент за премиер да си дозволи да не ги знае мерките. А, зошто тогаш обичните граѓани би ги знаеле мерките, ако првиот човек на опозицијата што сака да биде премиер не ги знае мерките. Тој треба да биде многу повеќе информиран од еден обичен граѓанин којшто вие рековте дека присуствувал на некоја свадба. Очигледно дека како држава не сме успеале да влеземе во меморијата, во свеста, во потсветса на секој граѓанин” – додаде Селмани.