Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот на Северна Македонија и Полската агенција за инвестиции и трговија денеска, во рамки на Македонско-полскиот бизнис форум, ќе потпишат меморандум за разбирање.

Целта е интензивирање на соработката, но и поттикнување на инвестициите од двете страни.

-Сакаме да работиме заедно за поголема конкурентност на регионот зашто денес глобалниот пазар е тешко да се привлече. Бараме некој вид синергија и сигурен сме дека заедно ќе успееме. Нашата трговија од 2015 година се зголеми за повеќе од четири пати што е многу важно и импресивно. Сакаме да седнеме заедно на маса и да видиме што можеме да направиме за нашиот регион, за полската и за македонската економија, изјави првиот човек на Полската агенција за инвестиции Кшиштоф Дринда пред почетокот на форумот.

Според директорот на Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот Дејан Павлески, засега нема позначајни полски инвестиции во земјава.

-Досега немаме значајни полски инвестици. Со овој меморнадум сакаме да ги поттикнеме бизнисите за поголема, но и поизбалансирана размена, со повеќе пласирање наши производи таму, како и да ги поттикнеме компаниите за инвестиции и тука и таму. Нашата трговска размена во последните години е доста зголемена и се одвива на ниво од околу 300 милиони евра годишно, но македонскиот извоз во однос на полскиот увоз е четири пати помал, рече Павлески.

Македонско-полскиот бизнис форум официјално треба да го отворат претседателите на двете држави, Стево Пендаровски и Анджеј Дуда.