Во првата недела на месец октомври, кога се одбележува Светската недела на детето, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги посети децата од Дневниот центар за деца во ризик во скопската населба Шуто Оризари. Посакувајќи среќно и безгрижно детство на сите дечиња Шахпаска рече дека грижата за најмладите, особено за децата кои доаѓаат од семејства во социјален ризик се високо на агендата на Министерството за труд и социјална политика.

Според министерката во таа насока, Министерството за труд и социјална политика со новиот Закон за социјална заштита, овозможи спроведување на реформата со која се обезбедува ефикасен одговор во делот на грижата особено за децата во ризик.

„Во Дневниот центар за деца во ризик, децата не се оставени сами на себе туку за нив се грижат лиценцирани стручни лица. За време на нивниот престој добиваат ужинка, се социјализираат, се стекнуваат со животни, образовни, културни, работни, рекреативни и други знаења и вештини за правилен развој и раст за нивна интеграција во општеството. Во Центарот создаваат навики за здрав живот, за одржување на хигиената. Овде децата се стекнуваат со неформално образование – подготовка за упис во основното образование и поддршка редовно да ја посетуваат наставата, добиваат помош во пишување на домашни задачи, учење, изработка на проектните задачи“, рече Шахпаска.

Со новиот Закон за социјална заштита, Дневниот центар за деца во ризик е прв лиценциран центар, кој ја дава услугата дневен престој на деца во ризик – деца на улица. Центарот работи секој ден од 8 до 16 часот и има капацитет да згрижи 68 деца, во неколку групи од 6 до 15 годишна возраст.

Во Центарот се организираат и работилници со родителите на различни теми кои соодејствуваат на проблемите со кои се соочуваат во нивниот живот.

Нашата држава во 2011 година ја ратификуваше Конвенцијата за правата на детето на Обединетите нации, според која сите деца имаат право на заштита на нивното здравје, бесплатно основно образование, право на добро воспитување, слободно да го искажуваат своето мислење но, пред се да бидат слушнати.

Во таа насока МТСП ја спроведува социјалната реформа со која социјалната заштита преку социјални услуги стана достапна и блиска до граѓаните. Со деинституционализацијата ниту едно дете до 18 години повеќе не живее во гломазни институции, туку во мали групни домови, како нова и подобра форма на живеење, налик на семејната. Се прошируваат и сместувачките капацитети на детските градинки, со цел секое дете да има можност да се стекне со предучилишно образование и воспитание, која претставува многу значајна алка во понатамошниот развој на децата.

Со цел зајакнување на улогата на згрижувачките семејства отворени се и два нови центри во Скопје и Битола, кои имаат за задача поддршка на семејствата кои ги згрижуваат децата без родители.

Потпретседателот на Здружението на граѓани за заштита на правата на детето, Оливер Бачановиќ, се заблагодари на денешната посета и на досегашната соработка со Министерството за труд и социјална политика и изрази задоволство за заедничките заложби кои се во интерес на децата во ризик.