Министерството за образование и наука продолжува со засилено темпо да инвестира во образовната инфраструктура, со цел да им овозможи на децата и младите подобри услови за едукација и спортски активности, а наставниците и стручниот кадар да добијат подобри услови за работа, изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

– Во Буџетот на МОН за 2023 година имаме 18,3 милиони евра за оваа намена, што е за 8,9 проценти повеќе средства од тековната година. Дел од овие средства ќе ги насочиме кон општина Липково, за што денеска разговарав со градоначалникот Еркан Арифи, истакна министерот Шаќири по средбата.

Како што се наведува во соопштението од МОН, ученици од Лојане и Ваксинце, преку проект 145 сали, во ОУ „Рилиндија” во Лојане ќе добијат модерна спортска сала, каде ќе ги реализираат часовите по физичко воспитување, но ќе можат да се организираат и други спортски и рекреативни активности.

Министерот за образование и наука информира дека ова не е единствената инфраструктурна активност во кумановскиот регион.

Меѓу другото, се разгледува можноста за партерно уредување на ОУ „Антон Захо Чајупи” во Отља, како и на реконструираното училиште „Дитурија” во Липково.

– Владата и МОН континуирано и подеднакво инвестираат во сите региони и општини во државата, затоа што грижата за подмладокот на оваа држава е грижа за нејзината иднина, се наведува во соопштението од МОН.