Во услови на криза и епидемија покажавме дека институциите можат извонредно да брзо и квалитетно да соработуваат и да ги решат проблемите. Нешто што многу често граѓаните го замерувале и сметале дека е слабост на нашата држава, изјави вицепремиерката и минстерка за одбрана Радмила Шекеринска, по посетата на мобилната болница во Клинчки центар Скопје.

Активирањето на мобилната болница, посочи таа, покажува како и во вакви ситуации може да помогне членството и сојузништвото со НАТО земјите членки.

– Оваа болница и целокупната опрема во неа е донација на еден од нашиот силни поддржувачи на патот кон членство во НАТО – Норвешка. Тоа покажа дека членството во НАТО значи и поддршка тогаш кога најмногу ви е потребна, истакна Шекеринска.

Посочи дека иницијативата е на Министерството за здравство, но и дека двете клучни институциите – Градот Скопје и Министерството за одбрана со Армијата, ја искористиле ситуацијата и покажале дека институциите се тука за брзо решавање на проблемот.

– За извонредно кусо време прво беше расчистен просторот и поставена оваа мобилна болница. Инженерските единици и тимот во воено-медицинскиот центар на Армијата покажаа дека се тука кога треба и веднаш се мобилизираа. Тука не запира ангажманот, како што гледате сега почнува целосното опремување на болницата, изјави Шекеринска.

Посочи дека со мобилната болница практично се дуплира капацитетот, но изрази надеж дека нема да мора да се користат сите капацитети.

– Државата мора да ни обезеди дополнителни капацитети и тоа најдобро е како сега во кругот на Клиничкиот центар. Можевме да разгледуваме и други опции, но оваа варијанта да имате се во непосредна близина на Инфективната клиника е навистина квалитетно, добро и ефикасно решение, изјави Шекеринска.

За тоа дали ова може да се смета за брза реакција, кога се знае дека е петта недела од првиот случај, Шекеринска рече дека би било неодговорно болницата да биде активирана пред пет недели и да седи без ниту еден пациент.

– Болницата треба да биде тука, тогаш кога капацитетот на Инфективната болница се пополнува. Ако денеска имаше пациенти кои не може да бидат примени, да јас ќе кажев некој задоцнил. Но, ние сме предвреме подготвени за евентуална потреба од зголемување на капацитетот, истакна Шекеринска.

Прашана зошто Армијата не се активира повеќе за воведување ред на јавни простори, Шекеринска рече дека, Армијата во моментот во зависност од денот има меѓу 500 и 1.000 припадници низ целата држава.

– Тоа значи дека во моментот МВР веќе не ја контролира границата и тоа е улога што целосно е дадена на Армијата. Ако отидете и ги погледнете Владата и Собранието, ќе видите дека целосно се обезбедувани од Армијата. Во затворите и клучните затворски одделенија надворешното обезбедување е целосно од Армијата. Најголемиот дел од државните карантини се обезбедувани воглавно од Армијата, рече Шекеринска.

Посочи дека не сакаат Армијата да се користи таму каде што не е потребна и дека реагираат само по барање и иницијатива на МВР.