Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, во утринската емисија “Здраво Македонијо” на Канал 5 телевизија, со коментар за завршните градежни активности и новиот изглед на булеварот “Никола Карев” познат како “Пластичарска улица”:
“Градот Скопје изминативе неколку месеци врши целосно проширување на булеварот “Никола Карев” познат како “Пластичарска улица” и тоа во делот од Битпазар до влезот на касарната “Илинден” со тоа што градежните работи во овој дел ќе бидат завршени до крајот на наредната недела и ќе може веќе од касарната кон Битпазар без никаков проблем да се движиме, а со тоа ќе воведеме и малку поинакви стандарди што беа познати за овој дел на Скопје. Тоа значи дека во овој момент работиме и на две паркиралишта во непосредна близина со што конечно ќе престане паркирањето на автомобилите на троторарите и ќе добиеме една “Пластичарска улица” која во себе ќе содржи четири коловозни ленти, но и две велосипедски патеки и два тротоара за нормално одвивање на алтернативниот, односно пешачкиот и велосипедскиот сообраќај. Веќе наредната недела ќе бидат пуштени 2 нови булевара во Скопје, “Христијан Тодоровски – Карпош” и “AСНОМ” од хотел “Хилтон” до хотел “Русија”. Што се однесува до “Пластичарска улица”, на крај е проектирањето на продолжувањето, а за два месеца очекувам да започнат градежните работи за пробивање на четири коловозни ленти, велосипедска патека и тротоар до Момин поток. После градежните активности кои се планирани за оваа година во Скопје речиси ќе нема главни правци за коишто ќе биде потребна реконструкција. Лани го средивме западниот дел, годинава го средуваме источниот дел, а Скопје полека си ја добива својата целина” – истакна Шилегов.