Во вечерашното издание на “Топ тема” на Телма телевизија, градоначалникот на Скопје беше запрашан да објасни зошто слики со несобрано ѓубре од сите делови на Скопје денеска беа главна тема во медиумите.

“Проценката на менаџментот на комунална хигиена веројатно беше погрешен. Размислувањето им беше дека е полициски час и дека граѓаните нема да смеат да излегуваат да го фрлат ѓубрето. Меѓутоа, очигледно МВР не до крај доследно ги спроведува мерките. Јас очекувам дека ваква погрешна проценка веќе нема да се повтори имајќи предвид и гледајќи го ангажманот на вработените. Денес дадов наредба до менаџментот на комунална хигиена и отсега натака комунална хигиена мора да работи без оглед на сè” – образложи Шилегов.

Во однос на обвинувањата на опозицијата дека градоначалникот на Скопје сметот го одлага во Вардариште, Шилегов жестоко ги демантираше ваквите неосновани обвинувања.

“Вардариште е претоварна станица, не е тоа нешто ново. За жал, во ова време во кое живееме опозицијава очајно се обидува да политизира нешто што живот значи. Јас како човек тоа не го прифаќам. Јас не водам и не креирам политика на СДСМ, јас водам и креирам политика во полза на граѓаните на градот Скопје. Камионите на комунална хигиена коишто се 6 до 8 тонски откако ќе се наполнат одат на Вардариште каде ги истовараат, а таму имаме постројка за селекција на отпад, а потоа се полнат 60 тонски камиони и се носат во Дрисла. Ете тоа се случува на Вардариште, таму не се одлага отпад, тоа е претоварна станица 30 години наназад. Ме боли како човек пред сè што одредени политички структури во времето во кое што живееме си играат со емоциите на граѓаните. Не е задача на опозицијата да си игра со оправданиот страв од светскиот проблем наречен Ковид-19. Да ги лажете луѓето, а 30 години Вардариште е претоварна станица” – истакна Шилегов.