Ги охрабрувам наредните власти да извршат уставни измени, бидејќи нема страв од никаква бугаризација, а после тоа Бугарите не можат да нѐ блокираат од аспект на нивните анахрони барања, изјави професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ во интервју за телевизија ВИСТЕЛ.

– Идниот состав на Собранието ќе ги прифати промените на Уставот со впишување на Бугарите, тоа не значи бугаризација на Македонија, и после тоа треба да се размислува за нов Устав, бидејќи сегашниот со сите амандмани е неспроведлив – посочи Шкариќ.

Во врска со носењето и измените на низата закони како и измените на Кривичниот законик, случувањата во Судскиот совет, како и Законот за помилување, професорот посочи дека судската власт е онаа која може, како што рече, „да ја апсолвира и реши оваа тешка ситуација во која се наидува“.

– Како што Уставниот суд го поништи целиот закон за изменување на Законот за помилување од 2009 година, за да може Иванов да ги помилува сите процесуирани од СЈО, така и Уставниот суд со времени мерки треба да го поништи последниот закон за изменување на Кривичниот закон, за да се поништат и последиците од неговата примена – досега ослободените од кривична одговорност, со која се штити политичката елита – истакна професорот на ВИСТЕЛ.

Професорот Шкариќ смета дека промената на името на државата е голема геополитичка игра.

– Името има врска со идентитетот, но не треба да бидат идентично третирани. Името опстојува, зборот Македонија е вграден во името на државата и ние сме единствена држава во светот која го содржи зборот Македонија – вели Шкариќ.