Од самиот почеток на воведување на вонредните мерки, Министерството за труд и социјална политика преку центрите за социјална работа испорача над 600 пакети со хигиенски продукти кои беа насочени токму кон семејствата што живеат во субстандардни услови, а дополнително заедно со УНИЦЕФ обезбедуваме дополнителна втора тура на хигиенски пакети кои ќе бидат насочени кон населбите каде навистина има потреба.

Ова денеска го истакна дополнителната заменик министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ на видео сесија во Владата „Ковид-19, прашања и одговори за социјалните мерки“.

– Сите мерки што ги имплементира Министерството и пред оваа состојба, и сега особено се насочени кон ранливите групи. Ние го прилагодуваме целиот систем на социјална заштита да овозможи брз влез во системот на сите оние домаќинства кои останале без приходи, а дополнително имаме дополнителна исплата на енергетски додаток како што беше спомнато за месеците април и мај, инаку законски тоа право се исплаќа од октомври до март, вели Шкријељ.

Заедно со УНДП, додава таа, воспоставивме сервис кој е насочен кон лицата со попреченост токму на нивно барање.

– Околу 200 лица ќе испорачуваат директни услуги кои треба да го помогнат секојдневното функционирање на лицата со попреченост, на старите лица во 27 општини, Во однос на самото изведување на онлајн наставата, благодарение на меморандумот што го потпишаа МОН и МИОА заедно со Телеком, на околу 30.000 деца од семејства кои живеат во социјален ризик ќе им бидат поделени преку центрите за социјална работа картички со интернет се со цел да овозможиме навистина секое дете да им подеднакви услови, да ја слади онлајн наставата во вакви едни вонредни услови, вели дополнителната заменик министерка.

Во однос на правото на видување на дете, Шкријељ апелира до родителите да ги прилагодат видувањата и движењата се со цел да се обезбеди најсоодветна грижа и заштита на здравјето на децата и почитување на рестрикциите за движење.

– Ги повикуваме родителите да се обратат до центрите за социјална работа, таму има стручни тимови кои ќе им обезбедат советувања и поддршка, родителите можат да се договорат и да потпишат спогодба за видување на детето вон овие временски термини што се однесуваат на ограничување на движењето, додаде таа.