Малолетник во струмичкото село Муртино брутално го убил кучето Рекс со огнено оружје, што предизвика бурни реакции во јавноста. На случајот реагираа и од здружението „Анимал Лаверс“ од Струмица, осудувајќи го чинот и барајќи соодветни мерки против насилството врз животните.

Тие нагласуваат дека и полицијата потврдила за случката и дека случајот веќе му е предаден на Јавното обвинителство.

– Овој настан отвора сериозни прашања за безбедноста во општеството. Како е возможно малолетник да поседува и да ракува со огнено оружје? Дали во семејството на сторителот децата се учат да користат оружје? Дали надлежните институции ќе дозволат да помине ова злосторство неказнето? И каква порака испраќаме до идните генерации доколку останат ваквите случаи без соодветна правна разрешница? – прашуваат од граѓанската организација.

Тие очекуваат од надлежните органи итно да одговорат дали некој од семејството на малолетникот поседува дозвола за оружје, кој вид оружје е користен во овој случај, дали е одземено оружјето и дали ќе следуваат санкции за негово незаконско поседување.