Со 62 гласа „за“ и ниту еден против пратениците во Собранието на Северна Македонија го усвоија Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи со кои недела станува ден на неделен одмор.

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска посочи дека од 1 јануари 2022 година недела неработен ден e реалност за 92% од работниците.

Шахпаска рече дека со ова законско решение овозможува воспоставување на рамнотежа меѓу професионалниот и приватниот живот на работникот, како предуслов за нивна мотивација и поголема ефикасност на работното место.

Таа додаде дека вработените во трговските центри, односно моловите, кои ќе работат во недела ќе добиваат двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100%. А дополнително, 2% од прометот остварен во моловите во претходната година за работењето во недела и празници ќе бидат наменети за изградба на нови детски градинки.