По четири дена по ред блокирање на сообраќајот во центарот на Скопје, протестот на пазарџиите од Зелен пазар денеска е ставен во мирување се до понеделник.

Тоа било решено на вчерашната средба на пазарџиите со градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ пред седиштето на општината.

Пазарџиите вчера по протестите кои секој ден започнуваат во 8 часот, а завршуваат во 10 отишле пред Општината Центар, со намера да се видат со градоначалникот Богдановиќ.

Како што информираат пазарџиите, Богдановиќ ги удостоил и излегол од Општината, но според нивни кажувања, со нив се видел само на кратко и ги известил дека ќе ги прими официјално во понеделник во 16 часот, кога и ќе ги слушне нивните барања.

-Пазарџиите имаат поднесено барање за средба. Се договоривме да разговараме кај мене во понеделник, во 16 часот. Јас се уште не сум ги слушнал нивните барања, откако ќе ми ги кажат, ќе видиме како и што ќе договориме – изјави Богдановиќ.