Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и Амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри и војниот аташе за одбрана на Италија,Стефано Анџиони, во присуство на раководителката на Секторот Шумска Полиција, Аница Симеоновска и командирот на шумско-полициската станица Горан Трајков, денеска лично им ги врачија униформите и опремата на шумските полицајци од шумско-полициската станица во Штип.

2

Во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се вели дека овој настан е само продолжение на успешната реализација на договорот за донација на униформи и опрема, за потребите на македонската Шумска полиција, од страна на италијанските карабинери.

-Постапката за оваа огромна донација започна во декември 2017 година, пратката пристигна кај нас летото 2022, а по завршените административни процедури,  започна нејзино распределување до шумско-полициските станици низ целата држава.Вкупната бројка на донираните униформи и друга опрема е околу 46 000 парчиња,  во вредност од 4.2 милиони евра. Донирани се летни и зимски униформи, мантили, летни и зимски кошули, волнени џемпери, чорапи, маици, елеци, капи, високи и ниски чизми, спортски обувки, ранци, кабаници за дожд и друга дополнителна опрема за терен, се вели во соопштението од МЗШВ.

 Дел од опремата и униформите за Шумската полиција, може да биде наменета за територијалните противпожарни бригади, полицијата, армијата и дирекцијата за заштита и спасување, со оглед на тоа што донацијата е во огромни количини и содржи и противпожарна опрема, огноотпорни чизми, панталони и ракавици.

Министерот, Николовски упати голема благодарност до италијанскиот амбасадор и карабинерите на Република Италија, искажувајќи почит и надеж дека соработката ќе продолжи и понатаму, преку твининг проекти и обуки за размена на искуства и учења со оглед на одличните резултати од теренските активности кои ги имаат постигнато италијанските Карабинери.

3

Минатата година, од буџетот на МЗШВ, нашите шумски полицајци за прв пат после 13 години добија по два сета зимски и летни униформи и чизми, во вредност од околу 15 милиони денари. Сега, преку донацијата на италијански Карабинери, шумската полиција ќе биде доопремена со сè што е потребно за нивно непречено извршување на задачите во бескомпромисната борба против организираниот криминал и нелегалната сеча, а во соопштението се наведува и дека министерството и понатаму ќе се грижи за континуирано подобрување на условите за работа на шумската полиција.