Епидемиолози од Институтот за јавно здравје прават епидемиолошки анкети со семејството на 53-годишниот скопјанец кој починал вчера и по што бил однесен во приватна болница во Скопје, а посмртно е утврдено дека бил позитивен на ковид-19, како и со вработените во болницата, по што ќе се знае дали некој ќе биде ставен во изолација.

Ова за порталот сакамдакажам.мк го потврдила директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова- Бухова, бидејќи телото на починатиот било подигнато од семејството и погребано според сите верски и народни обичаи, без да се почитуваат протоколите за ковид-19.

Според пишувањето на сдк.мк, пациентот вчера без знаци на живот бил донесен во една приватна болница. Му била направена реанимација, но докторите не успеале да го вратат во живот. Му бил земен постмортем брис за ковид-19, кој бил даден на обработка во Институтот за јавно здравје, но денеска добиле известување дека е позитивен, откако бил погребан.

„Според првичните информации кои ги имаме од семејството, починатиот три дена дома бил во лоша состојба, но од она што сега го знаеме не побарал лекарска помош. Во текот на денешниот ден ќе го контактираме неговиот матичен лекар. Не е проблем само тоа што е погребан без да се почитуваат протоколите, туку и тоа што цело семејство било во контакт со него дома и не знаеме од кога се појавила болеста. Вршиме анкета не само на семејството, туку и на медицинскиот кадар во болницата што бил во контакт со него, па што ќе знаеме дали имаме нови заразени и колку лица ќе бидат ставени во изолација“, вели Сотирова-Бухова за сдк.мк.