Министерството за култура издвои 1,8 милиони денари за Вевчанскиот карневал. Договорот за финансирање на еден од најстарите европски и први карневали во државата денеска во Вевчани го потпишаа ресорната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска и градоачалникот на Општина Вевчани Спасе Кочовски.
Изминатите две години Министерството за култура не додели финансиски средства за Вевчанскиот карневал, поради, како што појасни министерката, административни пречки.
– Кога се објавуваат резултатите од годишниот конкурс манифестацијата е веќе завршена и комисиите неможат да доделат финансиска помош за завршен проект. Токму затоа после таа случка разговаравме со градоначалникот дека ќе направиме посебен договор каде од една од ставките на Министерството за култура ќе се финансира сумата што и е потребна на Општината да го организира карневалот. По завршувањето на годинашниот карневал сметам дека треба да најдеме механизам за ова прашање да стане пракса и да нема прекин во финансирањето на Вевчанскиот карневал и поддршката од државата нема да изостанува, рече Костадиновска Стојчевска.
Министерството за култура, како што истакна министерката, ги препознава придобивките и останува доследен партнер на манифестацијата, но и на останати содржини кои го афирмираат Вевчани.
– Карневали има речиси во сите европски земји, но интересот за Вевчанскиот како облежје на овдешната култура и како туристичка атркација не стивнува. Вевчанци имаат посебен дух и гостопримство, посебна креативност, духовит и критичен однос кон општетсвените случувања, што од година в година се попривлечни и атрактивни за светските медиуми и гостите од регионот и од Европа, истакна Костадиновска Стојчевска.