Дигитализација на царинските постапки и намалување на човечкиот фактор, го намалува ризикот од корупција, а ја зголемуваме ефикасноста и одговорноста на царинските службеници. Мораме да ги искористиме придобивките кои ги овозможува четвртата индустриска револуција и да ги употребиме за сето она што значи стратешки приоритет за државата, истакна вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.

По денешната посета на граничниот премин Ќафасан, каде имаше средба со директорот на Царинската управа Горан Сугарески и со дел од вработените, Николовски посочи дека царината треба да биде пример за исполнувањето на законските обврски со кои се спречува корупцијата и криминалот, се штити стопанството, економијата, работните места и го подобрува имиџот на земјата.

– Со реализацијата на системските мерки од планот за борба против корупција воспоставуваме генерациски промени, во кои ќе се почитуваат законите, а во државната управа ќе нема место за корумпирани службеници. Со нови мерки ги јакнеме механизмите за контрола на незаконски стекнатиот имот и капитал преку подготовка на законот за потекло на имот што веќе го започнавме, рече Николовски.

Со реализација на системските мерки од Планот за борба против корупција, за првпат, најави, ќе се испитува како одговорно лице стекнало имот и капитал, во случај кога постои сомневање дека ги надминува своите редовни оданочени приходи, а ќе се проверува имотот на сегашни, но и на поранешни функционери.

– На овој начин го контролираме капиталот, го отвораме патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и капитал, спречуваме оштетување на буџетот и богатење на грбот на граѓаните, додаде вицепремиерот Николовски.

Директорот на Царинската управа, Сугарески се осврна на важноста на граничниот премин Ќафасан, кој се наоѓа на пан-Европскиот коридор 8 (исток-запад) и е четврти најфреквентен граничен премин за стокови пратки во земјата, преку кој годишно минуваат стотици илјади превозни средства и патници во и од Република Северна Македонија. Потсети и на изградбата на новите објекти на царинскиот термиал со средства од ИПА програмата во 2019 година.

– Преку овој проект успеавме да придонесеме за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на граничните формалности и значително ја подобривме инфраструктурата за промена на современите средства на инспекции. Исто така драстично е забрзано движењето на стоковиот сообраќај, кој последните години бележи постојан раст од 10 до 15 проценти годишно, нагласи Сугарески.

Директорот на Царинската управа посочи дека при крај е имплементацијата на решението за заедничко управувње на граничните и царинските контроли со едно застанување „One Stop Shop“ меѓу Северна Македонија и Албанија, на граничниот премин Ќафасан.

– Со тоа ќе се намали времето на чекање на превозниците, трошоците на економските оператори и најважно да се намали можноста за царински измами поради непосредниот увид во комерцијалните документи, кои ја следат стоката, а со тоа се намалува и можноста за корупција и се зголемува стабилноста и сигурноста во целиот регион, изјави Сугарески.

Според него, во тек е реализација на проект во вредност од 100 илјади американски долари за модернизацијата и старданизацијата на граничните премини за намалување на корупцијата, што, како што рече, е приоритет на Владата.

– Ова е во заедничка соработка со Царинската управа на Република Албанија и опфаќа набавка на опрема за контроли за двете страни на граничниот премин Ќафасан- Ќафтане, стручен консултант, обуки и студиски посети за вработени од македонската и албанската царинска управа, во насока на забрзување на времето за контрола и воведување на заеднички контроли на овој граничен премин. Проектот се очекува да заврши до крајот на 2021 година, појасни Сугарески.