Републичкото Собрание денеска ги демантираше тврдењата на професорката Гордана Силјановска Давкова, која обвини дека за време на јавната расправа на тема „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борбата против корупцијата”, и биле избришани стенограмите од нејзиното излагање, во кое го споменува зборот „рекет”.

– Тврдењата на професорката Гордана Силјановска-Давкова се целосно неосновани и тенденциозни. Никој во Собранието ниту интервенирал, ниту пак ќе се осмели да интервенира во стенограми од дискусии на пленарни седници или пак на јавни расправи. Сведоци сме дека за јавната расправа на тема „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борбата против корупцијата” имаше огромен интерес, а во салата присуствуваа заинтересирани пратеници, екпсерти, професори…, наведува Собранието во соопштение.

Се наведува дека согласно досегашната пракса, стенограмите од јавните расправи се прават од аудио материјал и во оној дел каде зборовите се неразбирливи или поради врева не може добро да се чујат се остава празна линија.

– Со оглед на интересот за темата салата Борис Трајковски беше преполна. Поради вревата се случило одреден момент од дискусијата на говорниците да не се слуша убаво. Поради тоа службите оставиле празен простор, токму со цел да не интервенираат во содржината на говорот. Собраниската служба за само два дена ја организираше јавната расправа, а поради потребата за подготовката на текстот на законот за јавно обвинителство, стенограмите од сите говорници ги подготви за исклучително кус период, стои во соопштението.

Натаму се додава дека „оттука, навистина не е коректно и е непрофесионално да се изведуваат погрешни заклучоци и да се обвинува во јавноста за намерна интервенција во стенограмите од говорот на професорката Силјановска-Давкова, без притоа таа да направи обид да се консултира Собранието за прво да добие информација, а потоа да изнесува заклучоци”.

– Собранието е транспарентна институција отворена за граѓаните во секое време. Ја повикуваме професорката Силјановска-Давкова да дојде во Собранието за да се увери дека не станува збор за интервенција, стои во соопштението на собраниската служба за информирање.

Професорката Силјановска Давкова на својот Фејсбук профил обвини дека во стенограмите од нејзиното излагање на јавната расправа во Собранието бил избришан зборот „рекет”.

– Погледнете ги стенограмски белешки од јавната расправа на тема: „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата” од 28-01-2020 година. Кај моето излагање наместо зборот „ рекет”, има долго тире, како симбол за „ рекетирање што тече”?! Уште една манифестација на хибриден режим!, напиша Силјановска Давкова.