Во полиција било пријавено дека во реката има автомобил во кој потоа двајцата сопружници биле пронајдени мртви. Ќе се прави обдукција на нивните тела, а дополнително ќе се истражуваат и причините кои довеле до трагичниот настан

Две лица се извадени од водите на реката Радика, откако попладнево било пријавено дека автомобил паднал во реката. Според првичните информации, станува збор за брачен пар од селото Житинани, општина Центар Жупа.

Од СВР Тетово информираат дека попладнево околу 14 часот било пријавено дека во близина на Скудрињски мост по патниот правец Маврови Анови-Дебар во Радика било забележано патничко моторно возило. Набрзо на терен излегле полицајци од Ростуше кои констатирале дека станува збор за „југо“ со дебарски регистарски ознаки и дека во него има две лица. По доаѓањето на противпожарната единица и првата помош од Дебар, било констатирано дека двете лица во возилото се починати.

По извршениот увид од страна на увидна екипа од полицијата и јавен обвинител било констатирано дека станува збор за сопружници – маж на 63 годишна возраст и жена на возраст од 60 години од селото Житинани.

Јавен обвинител дал наредба за обдукција врз телата по што ќе се утврди причината за нивната смрт, а ќе се трага и по причините кои довеле до трагичниот настан.