Никола Спасов, комуниколог и директор на агенцијата “Рејтинг”, во вечерашното гостување на “Топ тема” на Телма телевизија, даде свое мислење дека менаџментот на епидемијата со коронавирусот одеше добро до моментот кога започна да се забележува тренд на неказнување од страна на МВР што можеби е резултат на евидентен политички ривалитет.
“Мислам дека менаџментот на целата пандемија функционираше добро до моментот додека не се примети дека има некаков тип на несогласување или неменаџирање од страна на МВР на она што е дадено како насока. На пример, МВР нагло, по своја одлука, престана да казнува, престана преку ден да ги спроведува мерките. На пример, треба да има казни за неносење на заштитна опрема ама нема. Нешто што претходно дополнително ја држеше ситуацијата под контрола. И се плашам дека постои еден ризик, а тоа е дека заради политичка битка веќе почнува да се отстапува од нешто што претходно било заедничка заложба на сите институции. Има совесни граѓани и луѓе коишто почитуваат мерки, но секако има голем број на луѓе коишто не го прават тоа. За таквите треба да има контролен механизам како што има контролен механизам во секојдневните операции против криминал, прекршоци и сл.” – истакна Спасов.